Норвешкиот пар предизвика бурни реакции на социјалните мрежи откако го споделија невообичаениот начин на кој го однеле своето 10-месечно бебе во познатата смарагдна пештера на островот Кох Мук во Тајланд.
Тора (32) и Маркус (31), познати на социјалните мрежи како „@torastravels“, посетија пет земји со своето бебе, а едно од нивните најнеобични искуства брзо го привлече вниманието на јавноста. Имено тие објавија видеоснимка на Тикток на која се гледа како пливаат низ пештерата, додека нивното бебе е во пластична кутија. Видеоснимката досега собра повеќе од 530.000 прегледи и илјадници лајкови.
Тора откри за „Newsweek“ дека на почетокот биле малку несигурни во целата идеја, но нивниот водич им објаснил дека тоа е вообичаен начин на кој локалното население ги носи децата низ пештерата. „Како родители секогаш сме претпазливи, но патувајќи низ различни земји, научивме дека ако сакаме нашето дете да биде дел од нашите авантури, понекогаш мораме да излеземе од нашата комфорна зона“, рече таа.
Смарагдната пештерата (Там Моракот) е една од најпознатите атракции во Тајланд. Посетителите мора да пливаат низ тунел долг 80 метри за да стасаат до скриената плажа со кристално чиста лагуна, окружена со високи карпи.
Поделени реакции на социјалните мрежи
Додека многумина се воодушевени од нивниот авантуристички дух, некои корисници на Тикток беа скептични во врска со безбедноста на бебето.
„Едвај го чекам моментот кога ќе ви раскажува за неговите спомени од магичниот свет“, напиша една корисничка на Тикток. Друга додаде: „Прекрасно е што го носите на вакви авантури. Тајланд е совршено место за семејства“.
Но, имаше и критики, особено затоа што бебето немало појас за спасување. „Каде е безбедносната опрема на бебето? Сериозно луѓе, ова е неодговорно“, напиша една корисничка.
Тора смирено одговори на негативните коментари: „Научив дека секогаш постојат две страни – некои се инспирирани од тоа што го носиме нашето дете на авантури, додека други мислат дека сме неодговорни. Но, ние внимателно ја проценивме ситуацијата и безбедноста на нашето секогаш нѝ е на прво место“.