Во пристаништето Уст-Луга, во рускиот Ленинградски регион, постои ризик од потонување на нафтениот танкер „Коала“, кој носи 130.000 тони мазут.
Вчера, на бродот се случија најмалку три експлозии.
„Киев пост“ објави дека руските телеграмски канали „Ваза“ и „Фонтанка“ објавиле информација за инцидентот на интернет.
Според информациите, танкерот, кој официјално го вее знамето на Антигва и Барбадос, но припаѓа на руската „флота во сенка“ — мрежа која му овозможува на Кремљ да ги заобиколи санкциите за извоз на енергија и имал екипаж од 24 морнари четворица Руси, осум Грузијци и 12 државјани на Индонезија.
Руската Федерална агенција за поморски и речен транспорт, Росморефлот, соопшти дека нема жртви на танкерот, но дека екипажот бил принуден да се евакуира. Дополнително, беше наведено дека експлозијата не предизвикала „никакво излевање на товар или истекување на нафтени деривати“.
Во спротивност со информациите на телеграмскиот канал, оваа агенција тврди дека нема ризик од потонување на танкерот, но претставници на руското Министерство за вонредни состојби поставиле пловечки бариери околу бродот како мерка на претпазливост, за да се спречи ширењето на мазутот во случај на потонување.
„Москва тајмс“ пишува дека Росморефлот на Телеграм објавил дека „експлозијата се случила во машинскиот простор“ на танкерот „Коала“, лоциран во пристаништето Уст-Луга, западно од Санкт Петербург.
Се потсетува дека украинските безбедносни служби минатиот месец тврдеа дека Киев со помош на дронови го нападнал нафтениот терминал во ова пристаниште, наведувајќи дека „преку него Русија продава нафта и гас со помош на „флота во сенка“.