Секој има право да поднесе иницијатива до Собранието, но разрешувањето на Судскиот совет е предвидено единствено со закон, вели Камбовски

Макфакс

06/02/2025

14:07

538

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, претпладнево рече дека не е известен за инцијативата за разрешување на членовите на Судскиот совет, која премиерот Христијан Мицкоски најави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ја поднесат во Собранието. Камбовски слушна за иницијативата од новинарите и рече дека очекува и Владата и Собранието да постапуваат законски.

„Во повеќе наврати сум дал изјави, сум дал мислења во поглед на постапка за разрешување членови на Советот. Единствено место каде што тоа е предвидено е во Законот за Судскиот совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи. Сите во оваа држава работиме во согласност со законите и Уставот. Немам причина да се сомневам дека и Собранието и Владата работат во согласност со тие принципи“, рече претседателот на Судскиот совет, Камбовски.

Сѐ додека е во сила актуелниот Закон за Судскиот совет, Камбовски смета дека треба да се почитува, а за наоѓање излез од сегашната состојба вели дека е подготвен за соработка со претставници и на двете власти во земјата – законодавната и извршната.

„Очигледно постои некое незадоволство кон членовите на Судскиот совет, меѓутоа во оваа држава секоја власт мора да дејствува во согласност со законите и Уставот“, вели Камбовски.

Утрово, премиерот Христијан Мицкоски, прво, преку социјалните мрежи, а потоа и одговарајќи на новинарски прашања по посетата на обновениот Клуб на пратениците, рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет. Доколку пратениците изгласаат недоверба, премиерот Мицкоски очекува членовите на Судскиот совет да бидат доблесни и сами да се повлечат оти законски во моментот Собранието не може да ги разреши.