Претседателката на Академијата за судии и обвинители Ирина Трајкоска-Стрезоски, оценува дека судиите се професионалци кои работат согласно законот и дека не станува збор за самоволие во нивните редови.
Одговарајќи на новинарско прашање дали оценува дека со заострени казни во законот ќе се избегне самоволието на судиите, Трајкоска-Стрезоски истакна: „За самоволие на судии не станува збор. Сите судии се професионалци кои работат согласно законот. Би биле пожелни построги казни, мислам дека е изготвен веќе и Кривичниот зaконик, даден е на превод и треба до крајот на годината да биде доставен до Венецијанската комисија и потоа да почне постапка за негово донесување. Би било пожелно, но сепак тоа е одлука на Парламентот“.
Запрашана околу тоа дали оценува дека има можна одговорност кај судијката околу случајот со Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова а кој веќе бил осудуван за неколку дела и бил испратен во казнено-поправен дом, а јавноста по несреќата реагираше дека секогаш му биле давани благи казни, претседателката на Академијата за судии и обвинители кажа дека лично ја познава судијката за која како што рече е една од подобрите судии.
„За одговорност на судијата сега не би требало да станува збор. Лично ја познавам судијката, навистина е професионална и една од подобрите судии. Работи согласно законите, а сепак тоа е одлука на Судскиот совет“, изјави Трајкоска-Стрезоски.