НСДП: Заради неспособната Влада, над 60 илјади домаќинства во Скопје ќе плаќаат поскапо парно

Макфакс

01/02/2025

13:25

208

Големина на фонт

а а а

Од денес граѓаните на главниот град ќе плаќаат поскапо парно, оваа вест вчера ја слушнаа граѓаните на Скопје, а Владата и енергетскиот дрим тим на Мицкоски очигледно ништо не прават да го заштитат стандардот на граѓаните, велат од НСДП.

„Владата предводена од Мицкоски не е способна да ги менаџира состојбите во енергетскиот сектор иако формираа Министерство за енргетика, за кое најавуваа дека директно ќе ја следи работата на ЕСМ. Ветуваа дека навремено ќе обезбедуваат ефтини енергетски ресурси, но покачувањето на цената на парното за над 60 илјади домаќинства е потврда дека овие луѓе не ги интересира стандардот на граѓаните.

Неспособноста на Владата навреме да обезбеди поефтин природен гас резултира со поскапи сметки за парно, во период кога граѓаните ги бојкотираат големите маркети заради превисоките цени на производите, ова е уште еден удар по нивниот џеб.

НСДП бара од Владата наместо да се приклучуваат на граѓанскиот бојкот заради големата скапотија, да ги донесат неопходните мерки за да ги заштитат граѓаните и нивниот стандард, затоа што се повеќе семејства многу тешко опстануваат од први до први.

Скапоплатените советници во Владата очигледно не ја чувствуваат скапотијата, а ако не знаат кои мерки треба да ги предложат за да помогнат на граѓаните, нека ги разгледаат мерките со кои претходната влада успешно се справуваше со енергетската и економската криза и успешно се справи со кризата за снабдување со топллинска енергија во главниот град.

Исто така, НСДП бара Владата да не седи по страна, туку да биде медијатор помеѓу синдикатите и работодавачите и да поддржи покачување на минималната плата за да се помогне на работниците со најниски плати кои оваа скапотија најтешко ја поднесуваат“, се вели во соопштението на НСДП.