Ново Скопје ветува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

Макфакс

26/01/2025

15:20

1.863

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ја посети Општина Шуто Оризари, каде што преку средби со граѓаните се запозна со нивните секојдневни проблеми и потреби.

На терен, Ѓорѓиевски и Ганиу остварија средба и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и со претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина, Ерџан Демир. Тие разговараа за приоритетите на општината и идните инфраструктурни проекти, посебно во рамки на вториот повик на Владата за обезбедување средства за вакви проекти.

– Денеска ги слушнавме проблемите на граѓаните од Шуто Оризари и Чаир, кои заслужуваат сериозно внимание. Најважно е заеднички да работиме за да обезбедиме подобри услови за живот – изјави Ѓорѓиевски.


Ѓорѓиевски нагласи дека е неопходно ново сообраќајно поврзување меѓу Чаир и Шуто Оризари, што ќе го растерети сообраќајот и ќе ја подобри комуникацијата меѓу општините. Меѓу приоритетите е и проширување на булеварот Џон Кенеди, како и изградба на нов културен центар во Шуто Оризари.

– Градот Скопје ќе помогне со средства за културниот центар, за што веќе е одредена локација. Дополнително, ќе се доврши партерното уредување на спортската сала и ќе се реализираат уште многу проекти со поддршка на новата градска администрација – рече Ѓорѓиевски.

Претседателот на ЗЕЛС истакна дека луѓето од левата страна на Скопје имаат сериозни предизвици, но вети дека секогаш ќе имаат поддршка во него и во градската администрација.

– Скопје повторно ќе биде горд град – порача Ѓорѓиевски, изразувајќи подготвеност за решавање на проблемите на сите граѓани.