Околу 9.000 евра за 500 грама исушени мандарини: Скапоцената намирница која лекува и засладува

Точка

22/01/2025

19:39

516

Големина на фонт

а а а

На прв поглед, Ксинхуи е обичен кварт во кинескиот град Џиангмен, кој се наоѓа во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Но, доколку го посетите во есен или зима, на улиците ќе го почувствувате прекрасниот мирис на исушените лушпи од мандарини, познати како ченпи.

За жителите на Ксинхуи тоа е мирис на злато. Имено, зборот за мандарина на кантонски – локалниот дијалект, се изговара исто како „злато“. Исто како и благородните метали, некои од овие лушпи можат да достигнат неверојатно висока цена – под услов да се набрани токму во Ксинхуи, каде што составот на почвата и водата ја прават оваа област идеална за одгледување мандарини. Се смета дека лушпите од мандарини од тој регион се ризница на микронутриенти.


Овие специјални лушпи секоја есен и зима се сушат на сонце – најмалку три години по ред. Постојат неколку видови на лушпи, а некои од нив се: зелени лушпи од мандарини набрани пред созревањето, потоа светлите или црвените лушпи набрани во ноември, големите црвени лушпи кои се целосно зрели околу декември и лушпите од мандарини набрани по зима, кога мандарините содржат повеќе шеќер.


Забранетиот град

Ченпи наводно бил користен во јадења наменети за царевите и цариците во Забранетиот град, поранешната царска палата на кинеската династија Минг (1368 – 1644) и Кинг (1644 – 1911). Денес, оваа состојка главно претставува додаток на јужната кинеска кујна за подобар вкус, но се користи и како лек. Со текот на времето слатките и пијалаците направени од суви лушпи од мандарина станаа сеприсутни.



Во зависност од видот, ченпи се користи во традиционалната кинеска медицина за здравје на слезината, дигестивниот систем и респираторниот систем. Сувите лушпи се богати со антиоксиданти и флавоноиди и помагаат во регулирањето на крвниот притисок.


Исто како и врвното вино, колку е постаро ченпито, толку повеќе се цени.


Пред две години, килограм исушени лушпи од мандарини од 1968 година се продадоа за 9.320 евра на аукција во Хонгконг, а вредноста на индустријата на ченпи минатата година беше проценета на 2,94 милијарди евра. Во моментов, 500 грама ченпи (лушпи од мандарини) стари 50 години чинат неверојатни 8.875 евра.