Средбите на Мицкоски со високи политички претставници на САД вродуваат со плод, за разлика од оние на СДС каде им затвораа врати пред нос, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

22/01/2025

17:34

201

Големина на фонт

а а а

Средбите на премиерот Мицкоски со високи политички претставници на САД вродуваат со плод, за разлика од оние на СДС кадешто им затвораа врати пред нос, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако од СДСМ истакнаа дека Мицкоски немал ниту официјална покана за инаугурацијата на Трамп, ниту бил дел од неа.

„Знаеме дека СДС не можат да сфатат дека се во опозиција и дека уште долго ќе бидат таму, бидејќи граѓаните не им даваат поддршка за нивните политики, затоа што се лажни и лицемерни.

Освен тоа што премиерот Мицкоски беше единствен политичар од Балканот што присуствуваше на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, беа остварени значајни средби со многу високи политички претставници од САД, на кои беше разговарано за инвестиции, нашиот пат кон членство во ЕУ, стратешките позиции во НАТО алијансата и нашите позиции и ставови.

Премиерот Мицкоски, оствари средби со Крис Павловски, Девин Нунез, Џон Битов, Марко Галина, Такер Карлсон, Ричард Гренел, Ендру Пејкоф, Џеси Спиро, Александар Касаноф, Мајкл Ватли – претседател на Републиканската партија на САД и многу други средби.

Сиве овие средби на премиерот Мицкоски се за подобрување на економијата на државата, како и промовирање на туризмот и носење на странски инвестиции во државата. Можеби на СДС ова им е чудно, бидејќи на нив освен инвестирање во сопствениот џеб од страна на Буџетот, за друго и не знаеја“, се истакнува во соопштението.

Ги потсетуваат граѓаните, дека не се сите исти. Разликата, како што велат, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС е повеќе од јасна.

„На нив сестринските партии им затвораа врати пред состаноците, а на ВМРО-ДПМНЕ вратата е отворена во меѓународната заедница. П.С. Ракувањата „на нога“ се дело на СДС, кога Димитров го фотографираше Заев на „средбата“ од 1,5 секунда со Доналд Трамп.

П.П.С. Македонија ја претставува премиер којшто не ја ведне главата пред светските политичари, туку го негува, промовира и заштитува македонскиот идентитет“, се подвлекува во напишаното од страна на ВМРО-ДПМНЕ.