Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Давос изјави дека светот влезе во нова ера на жестока геостратешка конкуренција. Но, Европската унија е подготвена да соработува ширум светот, вклучително и со Кина и САД, додавајќи дека првото патување на нејзината нова комисија ќе биде во Индија, најголемата земја со демократски систем во светот.
„Нашите вредности не се менуваат, но за да ги одбраниме овие вредности во светот што се менува, мора да го промениме начинот на кој дејствуваме. Мора да бараме нови можности каде и да се појават. Ова е момент за ангажирање надвор од блоковите и табуата“, рече фон дер Лајен. Според неа, Европската унија мора да работи конструктивно со Кина и да ги прошири трговските и инвестициските врски со Пекинг, а истовремено да воспостави порамномерен однос.
„Премногу од нашите врвни таленти ја напуштаат Европската унија затоа што е полесно да се развијат нивните компании на друго место, а премногу компании ги попречуваат инвестициите во Европа поради непотребната бирократија. Мора да дејствуваме на сите нивоа – континентално, национално и локално“, истакна претседателката на ЕК.
Таа додаде дека Европската унија ќе продолжи да се придржува до Парискиот договор за климатски промени и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од договорот.
„Големите светски економии се борат за пристап до суровини, нови технологии и глобални трговски патишта. Од вештачка интелигенција до чиста технологија, од Арктикот до Јужното Кинеско Море, трката е во тек. Како што оваа конкуренција се интензивира, веројатно ќе продолжиме да гледаме честа употреба на економски алатки, како што се санкции, извозни контроли и тарифи, насочени кон заштита на економската и националната безбедност“, предупреди Фон дер Лајен.
Како што нагласи таа, светските економии сепак ќе мора да соработуваат, бидејќи не е во ничиј интерес да има „глобална трка до дното“ што би довело до прекин на сите врски во глобалната економија, пренесува Танјуг.