И покрај официјалната забрана што стапи во сила денеска, "TikTok" повторно е достапен за американските корисници откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп вети заштита за компаниите што го поддржуваат.
Компаниите кои овозможуваат "TikTok" да работи во САД ризикуваат казни од дури 850 милијарди долари, и покрај уверувањата на Трамп дека нема да се соочат со последици. Конгресот усвои нацрт-закон со кој се бара "TikTok" да се одвои од кинеската матична компанија "ByteDance" или ќе биде забранет. Актуелниот претседател Џо Бајден имаше опција да го продолжи рокот за 90 дена, но тој одби.
Неизвесноста околу "TikTok" започна синоќа. Иако Бајден најави дека нема да го спроведува законот на последниот ден од неговиот мандат, "TikTok" најави дека ќе ја исклучи самата апликација. 'App Store" и "Google Play" го отстранија во согласност со законот. Сепак, по ветувањето на Трамп дека ќе го продолжи рокот, апликацијата се врати на интернет со порака за благодарност до идниот претседател.
Правни заплетки и милијарди во прашање
Компаниите кои обезбедуваат услуги на "TikTok" во Соединетите Држави се соочуваат со потенцијална казна од 5.000 долари за секој корисник кој пристапува до апликацијата преку нивните услуги. Врховниот суд потврди дека овие казни може да се наплатат до пет години подоцна, што значи дека компаниите би можеле да бидат казнети под идната администрации.
"Oracle", еден од главните провајдери на "TikTok", веќе почна да обезбедува услуги за апликацијата, потпирајќи се на ветувањето на Трамп објавено на неговата социјална мрежа "Truth Social". „Ова е зачудувачки развој – дека една компанија го прекршува федералниот закон врз основа на објава на социјалните мрежи“, рече Мет Шетенхелм, аналитичар во "Bloomberg Intelligence".
Што понатаму?
Најдобрата опција за компаниите кои сакаат правна заштита е Конгресот да донесе нов закон. Откако лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер го поддржа продолжувањето на рокот, постои можност Конгресот да ја одложи забраната. „Тоа би бил законски најбезбедниот начин да се реши оваа ситуација“, нагласува Шетенхелм.