Сите пациенти се транспортираат од опожарениот дом од село Чемерско кон Кавадарци, информира градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, откако од страна на надлежните утрово беше објавено дека пожар го зафатил старскиот дом во кавадаречкото село.
„Во моментот ги сместуваме сите пациенти од домот за стари лица во селото Чемерско. Во делот на бројната состојба, тоа се 30-ина лица, од кои 10 пациенти се во потешка состојба“, вели Јанчев.
Појасни дека градот е организиран во делот на брзата помош во соработка со екипи од Свети Николе, Велес, Неготино, и противпожарната единица од Кавадарци заедно со ОВР Кавадарци.
„Сите пациенти се транспортираат од село Чемерско кон Кавадарци, претежно станува збор за повозрасни лица во поодминати години и во потешки состојби, но и за доста премрзнати лица, кои за време на пожарот беа евакуирани надвор од самиот дом и беше организиран навремен превоз за да можеме да ги донесеме до Општата болница во Кавадарци. Сите пациенти ќе бидат прегледани и ќе бидат сместени во Општата болница. И според нивната ситуација ќе им биде дадена соодветна терапија“, заклучи Јанчев.
Појасни дека нема лица со посериозни повреди, но поради тоа што станува збор за ризична категорија лица, било реагирано соодветно и брзо со цел тие да бидат сместени на топло и да примаат соодветна медицинска помош.
Регионалниот Центар за управување со кризи од Велес претходно информира дека на терен се 10 пожарникари со три противпожарни возила. На терен излегле и три медицински тима и две полициски возила со осум полицајци.