Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп им наложи на своите соработници да договорат телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во деновите откако ќе положи заклетва, за да се закаже директна средба во следните месеци со цел да се стави крај на војната во Украина, известува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неименувани извори.
Изворите рекоа дека претставници на тимот за национална безбедност на Трамп почнале да работат на закажување телефонски разговор меѓу Трамп и Путин пред неколку недели.
Телевизиската мрежа наведува дека не е познато дали веќе е одреден датумот за телефонски разговор.
Трамп не разговара директно со Путин речиси три години.
За време на предизборната кампања, Трамп вети дека ќе стави крај на конфликтот во Украина во рок од еден ден по полагањето заклетва.
Тој денеска напладне по локално време официјално ќе ја преземе претседателската функција.