Германскиот амбасадор: Трамп сака да го редефинира уставниот поредок

Макфакс

19/01/2025

09:25

808

Големина на фонт

а а а

Германскиот амбасадор во САД предупреди дека новата администрација на Трамп ќе се обиде да ја одземе независноста на американските полициски сили и медиуми и да им даде на големите технолошки компании моќ за заедничко управување, се вели во доверлив документ што го видел Ројтерс.

Документот потпишан од амбасадорот Андреас Михаелис на 14 јануари го опишува планот на Доналд Трамп за неговиот втор мандат во Белата куќа, кој ќе доведе до „редефинирање на уставниот поредок – максимална концентрација на моќта на претседателот во однос на Конгресот и државите.

„Основните демократски принципи и проверки и рамнотежи ќе бидат значително поткопани, законодавниот дом, органите за спроведување на законот и медиумите ќе бидат лишени од нивната независност и злоупотребени, а големите технолошки компании ќе добијат моќ“, опишал Микеалис.


Транзицискиот тим на Трамп не ја коментираше оценката на германскиот амбасадор.

Владата на канцеларот во заминување Олаф Шолц во голема мера се воздржува од јавно критикување на Трамп откако тој победи на изборите, но оваа оценка на амбасадорот го покажува искреното и остро мислење на висок германски функционер.

Во документот се наведува судството, а особено Врховниот суд на САД, како централни во обидите на Трамп да го спроведе својот план.

Михаелис смета дека контролата врз Министерството за правда и ФБИ е клучна за постигнувањето на политичките и личните цели на Трамп, вклучително и масовните депортации, одмаздата против наводните непријатели и правната неказнивост.

Михаелис, исто така, предвидува „редефинирање на Првиот амандман“, велејќи дека Трамп и милијардерот Илон Маск, сопственик на „Икс“, веќе преземаат мерки против критичарите и медиумските компании кои не соработуваат.


„Едниот користи тужби, се заканува со кривично гонење и одземање лиценца, а другиот манипулира со алгоритми и блокира сметки“, се вели во документот.

Повторената поддршка на Маск за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АДФ) пред националните избори на 23 февруари предизвика бес во Берлин.

Официјален Берлин имаше тешки односи со Соединетите Држави за време на првата администрација на Трамп и се соочи со високи царини и критики за неисполнување на целите на НАТО за одбранбени трошоци.