[ФОТО] Најгусто населено место во светот? Опасен кварт кој привлекува сè поголем број туристи

Точка

17/01/2025

19:41

1.163

Големина на фонт

а а а

Еден од најголемите сиромашни квартови, а можеби и најгусто населеното место во светот, ќе го пронајдете во Мумбаи, раздвижено пристаниште и големиот деловен центар на Индија. Бројот на жителите во Дарави изнесува приближно 300.000 до еден милион луѓе кои живеат на површина од 2,39 квадратни километри.

Овој симбол на Мумбаи е создаден во 1884 година, кога Индијците од руралните делови на земјата се преселија во градот и најдоа засолниште во сиромашните квартови. Како што растеше производството и потребата од работници во Мумбаи, така растеше и Дарави.



Иако многумина го замислуваат како жариште на криминал и нечистотија, во оваа раздвижена лавиринтска населба се крие богата историја на различни заедници кои нашле дом таму. И покрај тесните простори и предизвикувачките услови, жителите обезбедија просперитетна микроекономија – индустријата за рециклирање.



Околу 60 отсто од пластичниот отпад во Мумбаи се рециклира токму во Дарави. Таа е една од најголемите и најефикасните индустрии за рециклирање во светот. Исто така тамошните жители живеат и од кожарската индустрија, па така од 1950-тите, квалификуваните занаетчии се занимаваат со преработка и производство на квалитетни кожни производи.

Добрите и лошите страни на живеењето во Дарави

Со оглед на високата густина на населението, жителите на Дарави мораа да се навикнат на минималната приватност, како и на премалиот простор за основните потреби. Повеќето куќи во Дарави нема сопствени тоалети, а секое утро се создаваат огромни редици пред заедничките тоалети. Додека за жените не е безбедно да користат јавни тоалети навечер бидејќи не се осветлени. Водоснабдувањето е нередовно, па жителите ја складираат водата во големи пластични буриња, а количеството отпад на улиците, хаотичниот сообраќај и недостигот на вентилација во домовите, се едни од лошите страни на живеењето во Дарави.



Исто така многу куќи се импровизирани и изградени од неквалитетни материјали, па во случај на пожар, земјотрес или поплава претставуваат голема опасност за жителите. Пренатрупаноста, лошата хигиена и недостигот на здравствени услуги го зголемуваат ризикот од заразни болести, а не се поштедени ниту децата кои често работат за да им помогнат на своите семејства, а со тоа ја губат можноста за образование.



И покрај многуте предизвици, во Дарави ќе видите многу насмеани лица, а ако ги прашате луѓето дали се среќни, тие ќе одговорат потврдно. Задоволни се од дружењето, заедништвото и тоа што можат да се потпрат еден на друг. Некои делови од Дарави, како што е областа каде што живеат рибарите Коли, станаа добро одржувани и чисти благодарение на ангажманот на заедницата. Разновидноста на културите и необичноста на животот во овој индиски сиромашен кварт привлекува илјадници туристи секоја година, кои доаѓаат да видат како функционира оваа заедница како и да ја разберат нејзината сложена економија и култура.