Лидерите на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) го поддржаа договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ги повикаа да се вклучат конструктивно во преговорите за следните фази од договорот за да се обезбеди негова целосна имплементација и траен прекин на непријателствата.
„Ова е значаен развој што има потенцијал да обезбеди ослободување на сите преостанати заложници, дополнително да ја олесни итно потребната хуманитарна помош и да го отвори патот за цивилите да се вратат и да ги обноват своите домови и нивните животи“, се вели во соопштението на лидерите на Г7 објавено на веб-страницата на Европскиот совет.
Тие им се заблагодарија на Египет, Катар и САД за нивните „неуморни напори“ во посредувањето во овие преговори и ги повикаа сите страни да ги почитуваат условите од договорот.
Во исто време, тие го повикаа Иран и неговите полномошници да се воздржат од какви било понатамошни напади врз Израел и ја потврдија својата поддршка за безбедноста на Израел.
Тие исто така нагласија дека, имајќи предвид дека наскоро ќе стапи на сила прекинот на огнот, од клучно значење е да се искористи оваа можност за да се стави крај на „катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа, каде што условите продолжуваат да се влошуваат“.
Тие ги повикаа сите страни да овозможат безбедeн, брз и непречен премин на хуманитарната помош и да обезбедат заштита на цивилите, вклучително и хуманитарните работници.
Тие ја повторија својата поддршка за „кредибилен пат кон мирот што води до решение со две држави“.