Џек Маси Велш донел одлука да пропешачи 250.000 чекори за една недела за да види како овој вид на физичка активност ќе влијае врз неговото здравје, а резултатите го изненадиле.
Препораките за тоа колку секојдневно треба да бидеме активни обично се вртат околу магичната бројка од 10.000 чекори дневно – што всушност е маркетиншки трик кој стана здравствен совет за време на Олимпијадата во Токио во 1964 година. Од друга страна, некои здравствени експерти предлагаат поконзервативна бројка од 7.500 чекори дневно.
На својот канал, креаторот на содржини Џек Маси Велш (@JackSucksAtLife) документирал како се обидувал да пропешачи околу 35.000 чекори дневно во текот на седум дена. Џек секое утро и вечер морал да оди на неколкучасовни прошетки за да ја постигне својата цел.
Што се случило со неговото тело?
На крајот од неделата, Велш, како што се очекуваше, имаше мноштво плускавци на стапалата, отечен зглоб и црн нокт на ногата, но исто така почувствува огромно задоволство од неговото достигнување – четвртина милион чекори за толку кратко време.
Џек откри дека предизвикот вреди само поради „неверојатното чувство за постигнување“. Кога станува збор за резултатите, Велш ги споредил мерењата на неговото тело пред и по предизвикот.
„Интересно е што всушност постои визуелна разлика“, рече тој додека ги прикажуваше фотографиите пред и потоа на екранот. „Изгледам позатегнато отколку на почетокот, што не очекував“.
Додаде дека изгубил околу килограм и половина, а мерките на телото му се намалиле, освен обемот на бутовите, кој се зголемил за половина центиметар.
Исто така тој забележал и видлива разлика во големината на неговите листови, што не е чудно ако се земе предвид колку се тие важни за секојдневно пешачење, како и мало губење на маснотиите во долниот дел на стомакот.
„Не очекував дека ќе има видливи промени, така што ова навистина ме изненади“, додаде тој.
За жал, промените не беа само позитивни. Покрај зголемената дефиниција на мускулите, Џек претрпе болки во зглобовите и оток кои траеја неколку денови по завршувањето на предизвикот.
Иако можеби сè уште немаме идеална средина кога станува збор за бројката на чекори, сега знаеме колку е премногу.