„Сув јануари“: Еве што се случува со нас кога на 1 месец ќе престанеме да пиеме алкохол

Точка

13/01/2025

17:22

1.167

Големина на фонт

а а а

Британската добротворна организација „Алкохол чејџ“ во 2013 година го иницираше предизвикот „Сув јануари“, охрабрувајќи ги луѓето да се воздржат од консумирање алкохол во текот на еден месец.

 Со текот на годините, овој предизвик стекна огромна популарност, станувајќи дел од новогодишните одлуки за многумина, пишува „Саенс алерт“.

Апстиненцијата од алкохол, дури и само еден месец, носи бројни здравствени придобивки. Истражувањата покажуваат дека ваквиот предизвик може значително да ја подобри работата на телото, умот и општото благосостојба.

Само 30 дена без алкохол може да доведе до намалување на маснотиите во црниот дроб, пониско ниво на шеќер во крвта и намалување на холестеролот. Овие промени придонесуваат за подобра функција на метаболизмот и заштита на виталните органи.


Апстиненцијата од алкохол може да има позитивно влијание врз менталното здравје.

Една студија спроведена со 4.232 учесници во „Сув јануари“ покажала значајни подобрувања:

• 56 отсто од учесниците изјавиле дека нивниот сон станал подобар и поквалитетен;

• 52 отсто почувствувале зголемена енергија;

• 50 отсто пријавиле подобро општо здравје;

• 63 отсто истакнале дека заштедиле пари.

Иако многумина веруваат дека алкохолот помага за подобар сон, тоа не е точно. Напротив, алкохолот го нарушува квалитетот на сонот и може да предизвика проблеми како што е апнеја.

Иако половина од учесниците се враќаат на консумирање алкохол по јануари, тие истакнуваат дека многу повеќе внимаваат на количината што ја пијат.


Ако се одлучите за „Сув јануари“, важно е да поставите јасни граници и да се подготвите за социјалните ситуации. Одредете однапред дали и колку ќе пиете и пронајдете алтернативи за алкохолните пијалаци.

Овој предизвик не е погоден за секого, особено за луѓето кои се зависни од алкохол. Сепак, многумина кои го прифаќаат предизвикот, го прават тоа заради подобрување на физичкото и менталното здравје.

„Главната мотивација на оние кои паузираат со алкохолот е желбата за подобро здравје“ вели Ричард Девисер, професор по здравствена психологија на Медицинскиот факултет во Брајтон и Сасекс.