[ВИДЕО] Пожарите во Лос Анџелес не престануваат: 11 загинати, 300 илјади евакуирани, прогласена е вонредна состојба

Макфакс

11/01/2025

10:43

945

Големина на фонт

а а а

Најмалку 11 лица ги загубија животите во разорните пожари кои беснеат низ Лос Анџелес.

Пламените јазици зафатија повеќе од 100 квадратни километри и принудија повеќе од 300.000 луѓе да се евакуираат.

Пожарникарите се обидуваат да ги стават под контрола огнените стихии, а се зголемува загриженоста за можно подметнување на помали пожари.

Најавената промена на ветровите се заканува дополнително да ја влоши состојбата.

Официјалните лица предупредуваат дека бројот на загинати може да се зголеми кога инспекторите конечно ќе стигнат до најтешко погодените области.

Најмалку 12.000 згради се оштетени или уништени, а повеќе од 5.600 ученици останаа без своите училишта, бидејќи најмалку 12 институции беа уништени од пожарите.

Американското Министерство за здравство и човечки услуги прогласи вонредна состојба за јавно здравје во сојузната држава Калифорнија за да ги реши здравствените проблеми предизвикани од актуелните пожари во округот Лос Анџелес.


Комесарот за осигурување на Калифорнија издаде мораториум за откажување или необновување на полисите за осигурување за станарите погодени од пожарите. Таа забрана ќе важи една година за жителите во областите погодени од пожарите Палисадес и Итон.

Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес објави дека досега се уапсени 18 лица во врска со криминални активности поврзани со пожарите во Итон и Палисадес.

„Обвиненијата вклучуваат грабеж, кражба, кражба на идентитет, поседување алатки за кражба и поседување наркотици“, изјави заменик-шерифот Мајрон Џонсон, пренесе ABC News.


Полицискиот час воведен во областите погодени од пожарите Палисадес и Итон е во сила до натамошно известување.

„ Оваа мерка е преземена за да се подобри јавната безбедност, да се заштити имотот и да се спречи грабежот во областите каде што жителите се евакуирани “, рече Џонсон.