Меџити на средба со Касами: Вложуваме во Тетово и овозможуваме забрзан развој и решавање на проблемите на населението

Макфакс

09/01/2025

18:40

425

Големина на фонт

а а а

Денеска првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити ја посети општина Тетово каде оствари средба со градоначалникот Биљал Касами.

На средбата се разговараше за проектите што се доделени на ова општина од страна на Владата и конкретно од Министерството за животна средина. Дел од проектите се во тек на реализација, а за дел од нив постапките се започнати.

Во ова насока, Меџити информираше дека во Буџетот за 2025 година на Министерството за животна средина и просторно планирање за општина Тетово се обезбедени средства за реконструкција на водоводна мрежа с.Порој во вредност од 25 милиони денари и поставување на заштитна ограда на река Пена на незавршениот дел во Тетово со вредност од 9 милиони денари и дополнително од средствата од заемот од Европска инвестициона банка општина Тетово ќе добие 64 милиони денари со кои во текот на 2025 година ќе започне реконструкцијата на доводен цевковод за водоснабдување на градот.

Исто така, од Програмата за користење на средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на животната средина и просторно планирање за 2024 година на општината ѝ се доделени нешто над 15 милиони денари за реконструкција и проширување на примарна водоводна мрежа за населба Вонвардарска во Тетово и околу 65,5 милиони денари за реконструкција на доводен цевковод на водоснабдителен систем на град Тетово од извор на Попова Шапка до резервоар во Тетово. Вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува 140.7 милиони денари.


„Во рамките на Регионалниот проект за цврст отпад со поддршка од Европската банка за обнова и развој за Тетово регион е во постапка на реализирање проектот за изградба на трансфер станица за Тетово што ќе служи како помошна инфраструктура за собирање на отпадот, кој потоа ќе биде транспортиран до регионалната депонија Русино. Се очекува за неколку недели да се потпише договор со најповолна компанија. Исто така, ќе се реализира набавка на опрема за собирање на отпад и опрема за Трансфер Станицата/Полог, со што ќе се обезбеди опрема за селекција на отпад на домаќинставата во целиот регион, набавка на камиони за транспорт на отпад, според барањата и потребите на секоја општина, како и набавка на опрема за трансфер станица за отпад. Во рамките на овој проект, за Општина Тетово ќе се набават 10.492 канти од 120 литра и 120 контејнери, како и набавка на 9 камиони за транспорт на отпад“, истакна Меџити.

Во рамките на проектот ЕУ за чист воздух кој се реализира со помош на европски средства планирана е промена на нееколошки грејни системи во 15 јавни објекти во Тетово.

На општина Тетово од Програмата за користење на средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на образованието и науката за 2024 година, исто така ѝ се доделени средства во висина од 148,5 милиони денари за изградба на сосема нов објект за средното техничко училиште Ѓоце Стојчевски. Училиштето ќе биде ќе има три спрата – приземје плус 2 ката и ќе се гради фазно. Во моментов проектот е во фаза на избор на изведувач за реализација.


„Овие се само дел од проектите за Тетово за кои обезбедивме средства за реализација. Несомнено овие проекти ќе овозможат забрзан развој на Тетово како многу важна општина и ќе овозможат решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните за кои минатата власт немаше слух. Истите ќе влијаат на развојот на образованието, економијата, патната и подземната ифраструктура, спречување на загадувањето на воздухот и ќе ја подобри социоекономската состојба на граѓаните“, изјави Меџити.

„Денеска имав чест да не посети во Општина Тетово првиот вицепремиер Изет Меџити, со кого разговаравме за сите проекти на кои општина Тетово работи цело време, а кои се поддржани од Владата на Северна Македонија. Во текот на изминатите години работев со многу пречки и опструкции од страна на претходната Влада, додека сега благодарение на оваа Влада, ги придвижуваме проектите. Ги повикувам сите градоначалници на полошките општини да ги подготват документите и да аплицираат со конкретни проекти и во соработка со владата да ги реализираат истите за доброто на граѓаните!“, изјави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами по средбата со Меџити.