Неонатален апстиненцијален синдром во Шкотска: За седум години родени 1.500 бебиња со зависност од дрога или алкохол

Точка

03/01/2025

17:16

1.556

Големина на фонт

а а а

Во последните седум години во Шкотска се родени повеќе од 1.500 бебиња со зависност од дрога или алкохол, покажуваат официјалните податоци. Најмалку 1.501 дете е родено со синдром на неонатална апстиненција (НАС) во преиодот помеѓу април 2017 година и октомври 2024 година.

Опозициската Либерално-демократска партија соопшти дека податоците од здравствените одбори во земјата покажуваат дека секоја година околу 200 бебиња се раѓаат со синдром на неонатална апстиненција, што е знак дека нивните мајки користеле дроги кои предизвикуваат зависност или злоупотребувале алкохол во текот на бременоста.


Симптомите можат да започнат во рок од неколку дена по раѓањето и вклучуваат неконтролирано треперење, гадење, слабо зголемување на телесната тежина и континуирано, силно плачење, пишува Тајмс.

Лидерот на либерал-демократите Алекс Кол-Хамилтон, кој стаса до овие податоци врз база на Законот за слободен пристап до информации, рече дека бројките укажуваат на важноста од инвестирањето во локалните служби за дрога.


„Можеби нема полош почеток на животот за новороденото бебе од тоа да се роди со зависност од дрога … (поранешната премиерка) Никола Старџен го скрати буџетот за лекување на зависност од дрога и алкохол, а тоа значеше дека некои служби ги затворија своите врати како и дека е изгубена драгоцената експертиза“, рече тој.

Кол-Хамилтон го повика премиерот Џон Свини во новиот буџет да издвои повеќе за борбата против зависноста од дрога во спротивно „ризикува да ја изгуби поддршката“.


„Сегашниот буџет предложен од премиерот Џон Свини ризикува повторно да ја направи истата грешка. Не сакам да ги гледам идните генерации како и понатаму се борат со злоупотребата на дрога“, додаде тој.

На малцинската влада на Свини ѝ требаат гласовите на најмалку една опозициска партија за да го усвои нејзиниот буџет, а шкотските лабуристи го поддржаа барањето на Кол-Хамилтон.