[ВИДЕО] Израелска армија: Пред четири месеци извршивме упад во подземна фабрика за ракети во Сирија

Макфакс

03/01/2025

10:24

742

Големина на фонт

а а а

Војската на Израел соопшти дека нејзините специјални сили извршиле упад на подземна локација за производство на ракети во Сирија во септември, која наводно била наменета да произведе стотици прецизни проектили што ќе ги користи проиранскиот Хезболах за напад на Израел.

Комплексот во близина на Масјаф, недалеку од брегот на Медитеранот, беше „предводник на производствените напори на Иран во нашиот регион“, изјави за новинарите на брифингот потполковник Надав Шошани.

„Тој објект беше дизајниран да произведува стотици стратешки ракети годишно од почеток до крај, кои Хезболах ќе ги користи во воздушните напади против Израел“.

Шошани рече дека локацијата, ископана во планината, била надгледувана од Израел од почетокот на изградбата во 2017 година и сега е способна да произведува проектили со прецизно наведување, некои со дострел до 300 километри.

„Оваа способност стануваше активна, така што зборуваме за непосредна закана“, рече тој.

Израелските медиуми објавија детали за операцијата на 8 септември, а Шошани рече дека ова е прва потврда од армијата, која вообичаено ретко коментира за операциите на специјалните сили.

Акцијата ја поздрави и премиерот Бенјамин Нетанјаху.