Најмалку четири лица го загубија животот во пожар што рано утринава избувна во вагон на Главната железничка станица во Софија. Пожарот бил пријавен во 2 часот и 35 минути, поради што на лице место се испратени две противпожарни единици со вкупно 14 пожарникари, објави Новините.
Според директорот на софиската противпожарна служба, вишиот комесар Веселин Гетов, пожарот најверојатно настанал поради невнимание со отворен пламен во последниот вагон на возот.
„По гаснењето на пожарот, најдовме четири мртви лица во возот“, потврди тој.
Првичните сознанија укажуваат дека пожарот го предизвикале бездомници кои во текот на ноќта влегле во вагонот.
Очевидци од областа потврдуваат присуство на бездомници кои често ја користат станицата и нејзините возови за да се засолнат.
Пожарот избувнал во еден од вагоните на возот кој требало да оди кон Петрич во 7 часот и 30 минути.
Покрај загинатите, тешко повредени се и двајца мажи кои се пренесени во Универзитетската болница Пирогов.
Двајцата на возраст од 35 и 65 години се на одделението за токсикологија и се во критична состојба поради вдишување чад.