Едно од шест деца во светот живее во конфликтнa зонa, објави УНИЦЕФ

Макфакс

28/12/2024

09:41

361

Големина на фонт

а а а

Повеќе деца од кога било досега живеат во конфликтни зони или биле насилно раселени од своите домови поради борби, објави Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).

Се проценува дека 473 милиони деца живеат во конфликтни области – повеќе од едно од шест деца во светот, се вели во извештајот на организацијата објавен денеска.

Процентот на такви деца е речиси двојно зголемен: од околу 10 отсто во 1990-тите на речиси 19 отсто денес, според УНИЦЕФ. Тие се убиени и ранети, принудени да го напуштат училиштето, немаат основни вакцини или страдаат од тешка неухранетост.

„Според секоја мерка, 2024 година беше една од најлошите години за децата во конфликт во историјата на УНИЦЕФ, како во однос на бројот на погодени деца, така и во однос на нивото на влијание врз нивните животи“, рече шефот на организацијата, Кетрин Расел.

„Детето кое расте во зона на конфликт е многу поверојатно да биде надвор од училиште, неухрането или избркано од својот дом. Ова не смее да биде новото нормално. Не смееме да дозволиме генерација на деца да стане колатерална штета од неконтролираните светски војни“, додаде.

Според УНИЦЕФ, 47,2 милиони деца биле раселени поради конфликти и насилство до крајот на 2023 година. Трендовите за 2024 година укажуваат на дополнително зголемување на раселувањето поради интензивирањето на различни конфликти, вклучително и во Хаити, Либан, Мјанмар, Палестина и Судан.