Спомени проткаени со мелодија: Науката докажа дека музиката го менува начинот на кој паметиме одредени настани

Точка

25/12/2024

18:46

458

Големина на фонт

а а а

Дали имате забележано дека одредена песна може да предизвика бран од спомени? Можеби тоа е мелодијата со која го изведовте вашиот прв свадбен танц или песна од летување кое ви останало во убаво сеќавање.

Луѓето често мислат дека овие музички спомени се „фиксни фрагменти“ од минатото, но неодамнешното истражување кое го спроведен Јирен Рен, истражувач во областа на психологијата од Технолошкиот институт во Џорџија заедно со колегите, покажа дека слушањето песни не само што може да предизвика спомени, туку и да го промени начинот на кој луѓето се сеќаваат на нив.

Менторот на Рен, Такери Браун, и истражувачите од Универзитетот во Колорадо, Софија Мехдизадех и Грејс Лесли, исто така учествуваа во студијата, која ја анализираше поврзаноста помеѓу музиката, емоциите и меморијата.


Тие дизајнирале тридневен експеримент за да ја тестираат нивната хипотеза. На првиот ден од студијата, учесниците имале задача да запаметат серија кратки, емотивно неутрални приказни.

Следниот ден, тие се потсетија на тие приказни додека слушаа позитивна или негативна музика или додека седеа во тишина.

Третиот и последен ден тие мораа повторно да се потсетат на приказните, но овој пат без музика.

Притоа научниците постојано ја следеле нивната мозочна активност со помош на функционална магнетна резонанца, која го снимала снабдувањето со крв во одредени делови од мозокот.


Се покажало дека учесниците кои слушале емотивна музика додека се сеќавале на неутралните приказни, почесто додавале емотивни елементи во приказната.

Друго откритие е дека кај сите учесници во студијата кои слушале музика, била забележана зголемена активност во амигдалата и хипокампусот, деловите од мозокот одговорни за емоциите, односно учењето и меморијата.

Исто така била регистрирана „променета невронска активација“ при потсетување на приказни придружени со музика, за разлика од учесниците кои седеле во тишина.


Со други зборови, откриено е дека музиката има способност да внесе емотивни детали во сеќавањата, кои нужно не биле присутни кога настанот се случил.

Во колумната која ја објави на веб-страницата „Conversation“, Рен забележува дека откритието има „возбудливи импликации за секојдневниот живот и медицината“, покажувајќи потенцијал особено во областа на лекување на депресијата и синдромот на посттрауматско стресно растројство, но признава дека се потребни повеќе истражувања.