Марк Касадо е убедливо најголемо откровение во ерата на Ханси Флик во Барселона и со своите сериозни изданија се зацврсти во стартната постава на Германецот, но и самиот е свесен дека ова е само почеток на едно долго и тешко патување.
Младиот играч за врска успеа да се избори место во најсилниот тим на каталонскиот великан, но е убеден дека има простор за напредок во сите елементи, а особено кога се офанзивните задачи на теренот во прашање.
– Знам дека можам да се подобрам во многу аспекти, но најмногу треба да работам на играта во напад. Треба да работам повеќе за да бидам опасен и пред противничкиот гол. Понекогаш соиграчите ми се потсмеваат поради тоа што никогаш не постигнувам гол. Се надевам дека ќе постигнам некој гол во 2025-та година.
– Сите во тимот имаме простор за напредок и треба да размислуваме на големо. Сметам дека можеме да имаме високи амбиции и цели, а за да се случи тоа, ќе мора да ги поправиме грешките кои не убија на последните неколку натпревари во Ла Лига.
– Мора да сфатиме каде грешиме и да ја смениме оваа тенденција на лоши резултати. Натпреварите ги губевме поради детали и мора да направиме истите да бидат на наша страна. Убедени сме дека ќе го решиме тоа на стартот на новата година, – вели Касадо.