Рускиот претседател Владимир Путин има намера да се сретне со сменетиот сириски претседател Башар Асад, кој доби политички азил во Русија, но се уште не е познато точното време на нивната средба, изјави Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател.
„За време на неодамнешната конференција, во директна линија, претседателот (Владимир Путин) спомена дека ќе се сретне со Асад, кој доби политички азил во Руската Федерација, но точното време на нивната средба сè уште не е познато“, рече Ушаков на брифинг.
Тој рече дека Путин и германскиот канцелар Олаф Шолц за време на телефонскиот разговор не го покренале прашањето за организирање на посетата на Шолц на Москва.
Разговорот меѓу Путин и Шолц се случил во средината на ноември, наведува агенцијата.
„Имаше многу коментари на оваа тема, но искрено ќе ви кажам дека ова прашање не беше покренато од ниту една страна“, изјави Ушаков на новинарите, одговарајќи на прашањето дали е можно Шолц да ја посети Москва.
На 20 декември германскиот дневен весник „Шпигел“ објави дека во опозициската ЦДУ кружат гласини дека Шолц во наредните денови би можел да замине во „мировна мисија“ во Москва.
Прес-службата на германскиот кабинет соопшти дека медиумските написи за евентуалната претстојна посета на Шолц на Москва се фикција.