Трамп го сака Тикток на американскиот пазар, најави и крај на „трансродовото лудило“

Макфакс

23/12/2024

08:31

991

Големина на фонт

а а а

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп изјави дека е за продолжување на Тикток да работи во земјата барем на некое време, тврдејќи дека добил милијарди прегледи на платформата за социјалните медиуми за време на претседателската кампања.

Коментарите на Трамп пред толпата конзервативни поддржувачи во Феникс, Аризона, беа еден од најсилните сигнали досега за неговото противење на можното излегување на Тикток од американскиот пазар.

Во април, Сенатот усвои закон со кој се бара од матичната компанија на Тикток, кинеската БајтДенс, да ја продаде апликацијата, повикувајќи се на загриженост за националната безбедност.

Сопствениците на Тикток се обидоа да го поништат законот, а Врховниот суд на САД се согласи да го сослуша случајот. Но, ако судот не донесе одлука во корист на БајтДенс и продажбата не се случи, забраната за апликацијата во САД би можела да стапи на сила на 19 јануари, ден пред Трамп да ја преземе функцијата претседател.

Нејасно е како Трамп ќе постигне поништување на одлуката за продажба на Тикток, која беше изгласана со огромно мнозинство во Сенатот.

„Мислам дека ќе треба да почнеме да размислуваме за тоа затоа што, знаете, отидовме на Тикток и имавме одличен одговор со милијарди и милијарди прегледи“, рече Трамп на толпата на „АмерикаФест“, годишен фестивал, организиран од конзервативната група Turning Point.

„Ми ги покажаа бројките, тие беа рекордни, и беше толку убаво да се види, и додека гледав, реков „добро, можеби треба да го задржиме ова уште некое време“, рече тој.

Трамп во понеделникот се сретна со извршниот директор на Тикток. На прес-конференција истиот ден, тој рече дека Тикток „го добил“ благодарение на успехот на неговата кампања на апликацијата.

Американското Министерство за правда тврди дека кинеската контрола над ТикТок претставува континуирана закана за националната безбедност, позиција што ја поддржуваат повеќето американски законодавци.

„Ден на ослободувањето“

Во неделата во Феникс, Трамп повторно се сврте кон имиграцијата, уште една омилена тема во неговата кампања.

На првиот ден на функцијата, тој вети дека „ќе потпише серија извршни наредби за затворање на границата за илегалните имигранти и запирање на инвазијата на нашата земја. А истиот ден, тој ќе ја започне најголемата операција за депортација во историјата на Соединетите Американски Држави“.

„20-ти Јануари навистина ќе биде ден на ослободување во Америка“, рече тој за време на настан организиран од Turning Point USA, конзервативна младинска организација.

Тој најави и дека ќе престане со „трансродовото лудило“ уште на првиот ден на функцијата, наведувајќи дека под негова администрација ќе има два пола – машки и женски.

„Ќе потпишам извршни наредби за ставање крај на сексуалното осакатување на децата, исклучување на трансродовите лица од војската и исклучување од нашите основни и средни училишта“.

Трамп им вети на толпата млади конзервативци „да ги чува мажите надвор од женскиот спорт“, додавајќи дека „официјалната политика на владата на Соединетите држави ќе биде дека има само два пола, машки и женски“.