Мицкоски: Честитки до турската заедница, без разлика на нашите различности, да се обединиме заедно и да ја направиме Македонија подобро место за живеење

Макфакс

20/12/2024

15:37

385

Големина на фонт

а а а

Како држава сме мултиетничка средина и повеќе заедници живеат и на тој начин го збогатуваат практично ова наше заедничко семејство наречено Македонија. Денеска е празник на турската заедница, би сакал во оваа пригода да го честитам и да изразам задоволство што можеме да го чествуваме заедно, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

„На овој начин практично покажуваме дека ние воопшто немаме фрустрации и стереотипи, туку, напротив, сакаме да бидеме едно семејство, без разлика на нашите различности, да бидеме обединети и тоа наше заедничко семејство, кое го составуваат сите овие наши различности, заедно да го штитиме бидејќи семејството се сака, но и се штити.

Сите ние, граѓаните на нашата Македонија, без разлика на нашата етничка припадност, верска припадност, сме дел од ова, ќе повторам, наше заедничко семејство и сакам да верувам дека сите ние еднакво заедно си го сакаме и како такво ќе го штитиме.

Така што уште еднаш ми претставува чест поканата на Иван што денеска сум дел од овој преубав настан и уште еднаш да го честитам овој ден на турската заедница и да посакам уште многу вакви чествувања за сите заедници во нашата татковина, потенцира Мицкоски.