Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, ги повика граѓаните да пријават доколку забележат поскапување на водата во Скопје во пресрет на најавениот прекин во водоснабдувањето кој треба да почне утре во раните утрински часови.
Пазарната инспекција вчера, по добиени поплаки од граѓани за поскапена вода, направила контрола во големите ланци маркети, но незаконско надминување на цената не утврдиле.
„Во текот на вчерашниот ден проверивме и кај поголемите правни субјекти нема надминување на цените. Кај помалите маалски маркети може да се оди по пријава. Ќе излеземе и ќе провериме. Зголемување на цената на флашираната вода не е забележано вчера иако имаше поплаки за покачување“, рече Стојкоски.
Директорот Стојкоски уверува дека ќе постапат по секоја пријава од граѓани, а денес граѓаните ги повика да бидат инспектори и министерот за економија, Бесар Дурмиши. Тој апелираше граѓаните на бесплатниот број 191 да го пријават секое изигрување на цените на 1100 производи од новогодишната кошничка кои треба да бидат поевтини за најмалку 10 проценти споредено со најниската цена што ја имале во последните 30 дена.