На денешен ден, 19 декември 1921 година, пред точно 103 години е роден човекот на кого треба да сме благодарни за македонскиот литературен јазик и правопис – Блаже Конески.
Конески бил филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, тој го обележа развојот на македонската култура и јазик. Конески е и првиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Роден во село Небрегово, Прилепско, Конески до својата осма година живеел во родното место, по што семејството се преселило во Прилеп, каде ги завршил основното и нижото гимназиско образование. Високата гимназија ја завршил во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнал во Белград и ги завршил во Софија во 1944 година. По ослободувањето, се населил во Скопје и активно придонесувал во културниот и научниот развој на Македонија.
Како еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Конески одигра клучна улога во неговото стандардизирање. Беше дел од комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис и ја напиша „Граматика на македонскиот јазик“ и „Историја на македонскиот јазик“. Неговото дело вклучува и тритомниот „Речник на македонскиот јазик“, каде беше главен редактор.
Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, а од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот. Во 1967 станал член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и бил нејзиниот прв претседател (до 1975). Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател.
Покрај тоа, Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Вроцлав. Конески, работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“, каде биле објавени негови песни и прилози, како: „Ангелот на Света Софија“, расказот К„рчмите“ (по кој била снимена првата македонска ТВ драма), и други текстови.
Освен со научна, Конески се занимавал со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.
Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима.
Во македонската современа општествена стварност, во смисла на одбрана на македонската држава и македонскиот јазик, како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“.
Меѓу другото, се потпишал и како текстописец на многу македонски евергрини, меѓу кои и неповторливата „Нежност“ која ја испеа легендарниот Славе Димитров.
Во продолжение, прочитајте неколку песни од неговото перо.
„Љубов“
Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам – се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар со подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.
„Бура“
Колку ненадно иде бурата.
В поле се мрачи, разлава ветар буен.
Демнеме. Сега прва молна ќе светне,
во нас ќе запали силен гнев.
Грмовни тонови, груби, искинати,
и настрвени како душите што ни се
дека во крвје тонеме.
А дали ќе можеш и тивка песна да зачуеш,
како цвет на гради стиснат,
сон, оти смевнато девојче ќе видиш,
како човечкото во тебе да плаче –
дали ќе можеш?
„Грабеж“
Да можев да те грабнам како змев
со силни вилни ветришта и мрак,
па макар колку омразен и грд
и свесен дека пак презрен ќе бидам,
но барем сиот опиен за час
од силата на таков грабеж див.
Везилка
Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
- Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.
Судбинско нешто се плело за века
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.
Везилке, крени наведена лика,
погледај небо во претпладне златно:
се шари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.
За тебе нема ни вечерен запад,
ти – морно око на трепетна срна.
Две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои – црвена и црна.
Зар не се плашиш од јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.
- И најмил спомен што в душа ми блеска
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја
Тешкото
О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот-
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто ми навира река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.
О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со здржана тага.
Но ’рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.
До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце – сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш – се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.
И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.
И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета-
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна – за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.
О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура-
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг-
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.
Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват – сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и оган,
и повик се зачу и грмеж во чад-
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.
О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом ќе opo сретнам,
зар чудно е – солза да потече врела,
зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!