Прв тежок случај на птичји грип во Америка! Заразен пациент во критична состојба, страв од можна епидемија, вонредна состојба во Калифорнија поради H5N1

Точка

19/12/2024

19:17

1.730

Големина на фонт

а а а

Првиот тежок случај на птичји грип во Америка е регистриран во Луизијана.

Постар пациент од Луизијана е во „критична состојба“ откако се заразил со птичји грип, соопштија вчера американските власти.

Станува збор за прв сериозен случај на птичји грип кај пациент во САД, што предизвика страв од потенцијална пандемија, пренесува Франс прес.

Со новиот случај, вкупниот број на заразени лица во Америка за време на тековната епидемија се искачи на 61.

Другите пациенти имале благи симптоми и закрепнале дома.


Сериозноста на случајот во Луизијана ги зголеми стравувањата од ширење на птичји грип, особено имајќи ги предвид сличните епидемии ширум светот.

Минатиот месец, тинејџер во Канада исто така беше хоспитализиран со тешка форма на инфекција.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) соопшти дека лицето кое се разболело во Луизијана било изложено на болни и мртви птици во својот двор.

„Пациентот има сериозна респираторна болест поврзана со инфекција од H5N1 и моментално е хоспитализиран во критична состојба“, изјавија за AFP здравствените власти од Луизијана, додавајќи дека пациентот е постар од 65 години и има претходни здравствени проблеми.

„Повеќе од 20 години глобално искуство со вирусот покажува дека инфекцијата H5 често е поврзана со сериозна болест во други земји, вклучувајќи случаи со смртност од 50%. Способноста на вирусот да предизвика сериозна болест кај луѓето укажува на важноста од координиран одговор на американската влада“, изјави Деметри Даскалакис од ЦДЦ.


Инфекцијата кај тешко болниот пациент е потврдена минатиот петок, соопшти ЦДЦ.

Неколку случаи на птичји грип во САД се откриени како неповрзани со животни, вклучувајќи едно лице во Делавер, соопштија Центрите за контрола и превенција на болести.

Сепак, здравствените власти велат дека засега нема доволно докази за пренесување од човек на човек, а вкупниот ризик за населението останува низок.

Во меѓувреме, во Калифорнија е прогласена вонредна состојба поради вирусот H5N1, кој се прошири меѓу кравите. Оваа година, десетици фармерски работници се заразени со птичји грип.


Во оваа сојузна држава, која е водечки производител на млеко во САД, околу 60% од вкупниот број стада се позитивни на вирусот од крајот на август, пренесува Ројтерс.

Тековната појава на птичји грип првпат беше регистрирана во март кај кравите.

Мег Шефер, епидемиолог од американскиот институт САС, изјави за Франс прес дека неколку фактори укажуваат дека „птичјиот грип чука на нашата врата и може да предизвика нова пандемија во секој момент“.

Меѓународните здравствени експерти предупредуваат дека H5N1 брзо се развива и претставува глобална закана, имајќи предвид дека вирусот се пренесува меѓу повеќе видови домашни и диви животни.


Д-р Грегорио Торес, ветеринар и шеф на науката во Светската организација за здравје на животните, изјави во Женева дека птичјиот грип е регистриран во 108 земји и територии на пет континенти во последните три години.

„Од декември оваа година, инфекцијата е откриена кај повеќе од 70 видови домашни и диви животни, вклучително и кај кравите во Америка“, рече Торес.

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека оваа година се заразени 76 лица со птичји грип, од кои повеќето се земјоделски работници, а најголемиот дел од случаите се во САД, каде освен кај кравите, вирусот е потврден и кај диви животни и живина.


„Првпат забележуваме инфекции што се пренесуваат од крави на луѓе со толку многу случаи во САД“, изјави Марија ван Керков, претставничка на СЗО за епидемии и пандемии.

Таа додаде дека епидемии на птичји грип се регистрирани и во Австралија, Камбоџа, Канада, Кина и Виетнам.

Од октомври 2021 година, H5N1 предизвика смрт на повеќе од 300 милиони птици ширум светот, влијаејќи на животите на милиони луѓе.