Три лица од Гостивар и едно лице од Струга се приведени поради тероризам.
Првоосомничениот е 21-годпишен гостиварец, кој на почетокот на годината создал и координирал терористичка организација – ќелија, во која членуваат и други осомничени од земјата и од странство.
„Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни – меки цели и јавни објекти. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Telegram каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, информираа од Обвинителството.
Со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје денеска му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.