[ВИДЕО] Тошковски го повика Груби да се врати во земјата поради истрагата за Лотарија, кривична и за поранешен премиер

Макфакс

16/12/2024

17:09

1.990

Големина на фонт

а а а

Против осум физички лица поднесени се кривични пријави поради сомнежи за криминал во Државна лотарија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека кривичнa пријавa е поднесенa и против поранешен премиер и поранешен вицепремиер, еден поранешен директор на правно лице и еден поранешен генерален секретар.

Министерот го повика поранешниот вицепремиер да се врати дома и да им овозможи на институциите соодветно да ја истераат постапката.

„Јас би упатил јавен повик, од еден од тие двајца кои во текот на вчерашниот ден кажа дека доброволно ќе се врати во Македонија, јас сакам да му верувам, кажа дека е чист како солза, пак сакам да му верувам, еве јавно упатувам да истиот се врати во Македонија, ако не е вратен, и да им овозможи на институциите соодветно да ја истераат оваа постапка“, рече Тошковски.

Од она што досега е познато, Груби и поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами не се во земјава.

Груби на социјалните мрежи вчера oбјави ја напуштил државата поради приватна посета, но дека ќе се врати назад.

„Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“, објави Груби.

Обвинителството претходно информираше дека со истрагата опфатени се шест лица, а според информацијата, поранешниот премиер и генералниот секретар на владата засега не се водат како осомничени од ЈО.


„Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво. Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – Генерален директор на “Државна лотарија”, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија“, соопшти Обвинителството.

Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.