Огромна дупка со длабочина од околу 12 метри се отвори во велшкиот град Мертир Тидвил.
Локалниот градски совет претходно соопшти дека дупката и понатаму расте и дека поради неа се евакуирани десетици куќи во областа, пренесува „ABC News“, а на 1 декември беа евакуирани околу 30 куќи.
Сега, според Би-би-си, на некои жители кои живеат покрај дупката, која зафати дел од влезот на една куќа и патот кој води до неа, им е дозволено да се вратат во своите домови.
По 11 дена, градскиот совет започна со пополнување на дупката, а на жителите од седум куќи им беше кажано дека конечно е безбедно да се вратат во своите домови. Меѓу првите кои се вратија беа Шила и Мејриг Прајс, кои претходно 10 дена престојуваа во куќата на нивната ќерка, додека некои од нивните соседи мораа да престојуваат во хотели.
Советот на градот Мертир рече дека се надева оти сите станари ќе можат да се вратат во своите домови до средината на следната недела.
„Сега враќањето е безбедно“
Мејриг Прајс изјави за Би-би-си дека би било „убаво да се врати во својот дом“ и повторно да има „греење и телевизија“ кои беа исклучени поради инцидентот. Тој рече дека му олеснало бидејќи се чини дека сите евакуирани жители ќе се вратат во своите домови навреме за божиќните празници.
„Бевме загрижени, но синоќа имавме средба со локалните власти и тие нè уверија дека сега ќе биде побезбедно отколку што било досега“ изјави Прајс.
Советот на градот Мертир во средата соопшти дека челична цевка долга 1,8 метри била вметната во постоечкиот одводен канал за да го поддржи протокот на вишокот вода кој минува низ него.
Дупката се прошири на 10 метри
Би-би-си јавува дека дупката била најголема во средата наутро, кога била широка околу 10 метри и длабока 12 метри, додека претходно имаше широчина од околу пет метри. Експертите уверуваат дека локацијата сега е безбедна. Инженерите планираат привремено да ја пополнат дупката со камења пред да осмислат траен план во новата година.
„Жителите беа одлични и понудија поддршка. Сите очајно сакаат да се вратат во своите домови за Божиќ. Локацијата е безбедна колку што може да биде. Одводниот канал е во многу добра состојба. Сè изгледа добро“ изјави Брент Картер, претседателот на градскиот совет.
Пред куќата на ријалити ѕвездата се појавила дупката
Би-би-си јавува дека дупката се појавила во понеделникот пред куќата на Лијам Рирдон, победникот на реалното шоу „Лав ајленд“. Рирдон, кој победи во шоуто во 2021 година со неговата девојка Мили Корт, рече дека тоа било „чудно, невообичаено и лудо“ искуство.
Семејството Рирдон се вселило во куќата пред околу два месеци, откако ја продале семејната куќа. Рирдон рече дека претходно поминал со своето возило над областа каде што дупката подоцна се појавила во саботата наутро.
„Бевме повикани околу 2 попладне и нѝ кажаа дека имаме мала дупка на крајот од влезот во куќата. Оттогаш, ситуацијата се влоши во текот на вечерта. Сабота наутро појадувавме, соседите беа надвор, имаше луѓе за одржување на патиштата и инженери, сите беа на нашата улица. А потоа одеднаш нашата порта и предната ограда исчезнаа. Тогаш сите на улицата почнаа да викаат да бегаме од куќата. Јас пијам чај, кафе, појадувам јајца и јогурт, а пристапот кон мојата куќата пропаѓа. Можевме да слушнеме како тлото исчезнува со татнеж“, рече Рирдон.
„Изгледаше како да сме во филм“, додаде тој.
„Моравме брзо да ја напуштиме куќата“
Рирдон, исто така, рече дека инцидентот со дупката стана вирален на Тикток и сите шпекулираа што би можело да биде тоа.
„Некои мислеа дека се работи за вонземјани. Го читам тоа и чудно е бидејќи се наоѓа веднаш пред мојата влезна врата“, рече Рирдон.
Тој додаде дека морале „многу брзо да се спакуваат“ и да ја напуштат куќата и дека оттогаш не можат да се вратат во својот дом.
„За среќа, никој од нас не беше повреден … но ова беше многу непријатно“, додаде Рирдон.
Според Би-би-си, семејството сега се надева дека ќе може да се врати во својот дом откако буквално станаа „бездомници“ и тоа во пресрет на божиќните празници.