Грбав кит ја заврши една од најдолгите и најнеобичните миграции досега забележани, патувајќи повеќе од 13.000 километри.
Патувањето на тој кит ги изненади научниците, бидејќи поминал огромно растојание меѓу два океани – од Тихиот океан кај Колумбија до Индискиот океан кај Занзибар, што е огромно растојание за видот, пишува "BBC".
Китот првпат беше забележан во Тихиот Океан во 2013 година, а подоцна беше виден во 2017 и 2022 година во Индискиот Океан, што значи дека поминал најмалку 13.046 километри.
Овој пат е невообичаен бидејќи грбавите китови обично мигрираат од тропските области, каде што се парат, во поладните води каде што се хранат. Меѓутоа, овој кит поминал растојание што вклучувало две различни места за парење, што е невообичаено дури и за овој вид.
Научниците веруваат дека ова патување можеби е поврзано со климатските промени кои влијаат на количината на храна, па китовите морале да патуваат подолго во потрага по храна.
Исто така, се смета дека китовите можеби истражуваат нови места за размножување додека популацијата на китовите расте благодарение на напорите за зачувување.
Експертите користат специјална технологија која им помага да ги следат движењата на китовите.
Научниците сè уште ги проучуваат причините за ова необично патување, но веруваат дека климатските промени, екстремните временски услови и другите промени во животната средина би можеле да бидат фактори кои влијаат на миграцијата на китовите.