Светските енергетски лидери во Скопје – Македонија ќе биде домаќин на глобалниот форум за енергетска иднина

Макфакс

07/12/2024

14:55

1.046

Големина на фонт

а а а

По иницијатива на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во 2025 година во нашата земја ќе се одржи 14-от Mеѓународен форум за енергија за одржлив развој.

Иницијативата потекна од Министерката за енергетика, Сања Божиновска, која се обрати до UNECE (Економската комисија на Обединетите нации за Европа). Ова е огромна чест, но и одговорност за земјата и особено за Минстерството за енергетика, кое преку организација на ваков значаен форум земјата ќе се позиционира како регионален лидер во зелената транзиција, покажувајќи ја својата посветеност на меѓународна соработка и одржлив енергетски развој.

Одлуката беше донесена по завршувањето на 13-от форум којшто се одржа на почетокот на декември, во Бангкок, Тајланд, во организација на пет регионални комисии на Обединетите нации (ECA, ECE, ECLAC, ESCAP и ESCWA). Овогодинешната тема беше „Праведна енергетска транзиција“.

На Форумот ќе земат учество експерти од енергетскиот сектор, владини претставници, ентитети на ОН, меѓународни организации, бизнис заедницата и други засегнати страни кои ќе разговараат за главните прашања, презентирајќи активности за правична енергетска транзиција.

Енергетската транзиција, во контекст на Агендата 2030 за одржлив развој, е клучната трансформација потребна за постигнување на многу од Целите за одржлив развој. Имајќи предвид дека енергетскиот сектор е одговорен за повеќе од две третини од емисиите на стакленички гасови, одржливата енергетска транзиција е од клучно значење за постигнување на Парискиот договор. Потребни се заеднички напори од сите нивоа на засегнати страни за да се забрза енергетската транзиција за да се овозможи постигнување на целите поврзани со ова прашање. Како основа за следниот форум ќе се користат и препораките на Конференцијата за климатски промени COP29 која се одржа во Баку.

Mинистерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе го организира настанот со УНДП, а во координација со соодветните регионални агенции на Обединетите нации.