Марсела Алказар Родригез, 33-годишна актерка, почина откако учествуваше во ритуал „Камбо“ во духовен центар во Мексико. Ритуалот, познат по употребата на отров од двобојната жаба Филомедуза, заврши трагично кога отровот бил нанесен на нејзините рани на кожата како дел од традиционалниот ритуал, пишува „Њујорк пост“.
По примената на супстанцијата, Родригез почнала да повраќа и добила тешка дијареа, што се смета за нормален дел од процесот на „чистење“ за време на церемонијата. Меѓутоа, набрзо ѝ се слошило до тој степен што итно била пренесена во болница, но лекарите не успеале да ја спасат. Сведоците тврдат дека најпрво помошта ѝ била ускратена, бидејќи симптомите на повраќање и дијареа биле сфатени како дел од ритуалното исцелување на телото од трауми и болести. Дури кога реагирала нејзината пријателка, конечно ѝ била укажана помош.
„Камбо“ е древен обред на „прочистување и исцелување“, кој потекнува од традициите на домородните народи на Амазонија, а особено е присутен кај племињата како Паитити, Катукина, Каксинава и други. Церемонијата се заснова на употреба на секрет што се излачува од кожата на видот жаби Филомедуза (Phyllomedusa bicolor), познат како „камбо жаба“ или „моќна жаба“.
Отровот што го лачи таа жаба е дел од „супер чистењето“ веќе неколку години и е познато дека предизвикува еуфорија, но набргу по нанесувањето, учесниците во ритуалот често доживуваат силна физичка реакција која вклучува потење, гадење, повраќање, дијареа, забрзано срцебиење и вртоглавица. Овие симптоми често се сметаат за дел од процесот на прочистување на телото и духот, бидејќи многумина веруваат дека ритуалот помага при детоксикација и духовно чистење.