Култот или сектата подразбира луѓе кои следат заедничко верување, без разлика дали се работи за религија, политика или некој друг домен, а често се однесува на помали верски заедници кои со своите учења се одвоиле од поголемите. Тие се истакнуваат по своите харизматични лидери, како и по ентузијастичките, честопати фанатични следбеници. На набљудувачите им е тешко да разберат зошто следбениците на култот следат такви учења, а поединците најчесто не се сметаат себеси за дел од секта, туку од легитимна заедница која ги исполнува со повисока цел и задоволство.
Покрај харизматичен лидер, култовите најчесто се поврзуваат и со искористување на членовите на таа заедница на различни начини – финансиски, сексуални, емотивни и други.
„Кога влегуваат во група која подоцна ќе се покаже дека е култ, луѓето добиваат само селективни, а никогаш целосни информации за таа заедница и врз база на нив ги донесуваат своите одлуки“, забележува терапевтката Рејчел Бернштајн, која е специјализирана за работа со луѓе кои преживеале секти.
Култовите вообичаено се претставуваат како организации кои промовираат развој, било преку ветување за просветлување или стекнување на вештини кои на луѓето ќе ги им ги остварат професионалните соништа. Според Рејчел Бернштајн, луѓето кои сакаат да работат на сопствениот развој можат да бидат поранливи на приклучување кон некој култ, како и луѓето кои сакаат да ги излекуваат траумите од детството или минатото како и оние кои бараат начин да бидат попродуктивни и поуспешни во нивните кариери.
„Луѓето кои копнеат за подлабока врска со другите, исто така, можат да бидат посклони кон тоа да станат жртви на култови, чии водачи го знаат и го користат тоа“, вели Бернштајн, додавајќи дека така се гради менталитетот на глутница и создава дополнителен притисок врз поединците. Карактерот и целите на поединецот не се единствените фактори кои ги прават ранливи на култови, според Бернштајн. Тајмингот исто така игра улога, па така луѓето во чувствителни или тешки животни ситуации се поподложни кон прифаќање на група која инаку не би ја прифатиле во некој друг период.
Масовно убиство во џунгла
Харизматичниот американски проповедник Џим Џонс е основач на сектата „Народен храм“ и стана познат по тоа што однесе во смрт 914 свои следбеници – од кои 276 деца – откако испија овошни сокови со цијанид среде џунглата во Гвајана.
Оние кои не сакале да го испијат отровот биле принудени на тоа или биле убиени со огнено оружје. Култот беше основан во 1955 година во Индијанаполис со цел да им помогне на бездомниците, невработените и болните, но поранешните членови тврдеа дека во рамките на групата малтретирањето било широко распространето.
Семејството Менсон
Чарлс Менсон беше основач и водач на култот на семејството, кој се залагаше за слободна љубов. Тој се сметаше за инкарнација на Христос. Неговата мета биле ранливи луѓе и отпадници од општеството.
Менсон тврдеше дека ќе дојде до апокалиптична расна војна, поради што им нареди на своите следбеници на слепо да ги убиваат жителите на богатите бели населби во Лос Анџелес, при што загинаа најмалку десет луѓе.
Во насилството на 9 и 10 август 1969 година беа убиени уште седум лица, а меѓу жртвите беше и бремената Шерон Тејт, која му беше сопруга на режисерот Роман Полански. Менсон никогаш не покажа каење и беше осуден на доживотен затвор, а почина во ноември 2017 година, откако во затворот помина повеќе од 40 години.
Терористички напад
На 20 март 1995 година, членовите на култот Аум Шинрикио (нејасната религиозна група која веруваше дека на светот му се ближи крајот), извршија напад во метрото кој беше опишан како најлошиот национален терористички напад некогаш извршен на јапонска почва. Во Токио тогаш загинаа 13 лица, а повеќе од 6.000 луѓе беа повредени кога членовите на сектата ги отруја со сарин, нервен агенс.
Аум Шинрикио, чие име значи „врховна вистина“, започна во 1980-тите како духовна група која ги спои хиндуистичките и будистичките верувања. Основачот на групата, Шоко Асахара, се прогласи за Христос и првиот „просветлен“ по Буда. Култот брзо привлече илјадници следбеници, а многумина од нив беа научници и истакнати луѓе кои на култот му донесоа многу пари. Како што растеше култот, така се зголемуваа и обвинувањата за злоупотреба помеѓу следбениците. Асахара, заедно со 12 други членови на неговиот култ Аум Шинрикио, беше осуден на смрт за серија злосторства во кои беа убиени вкупно 27 луѓе.