Францускиот парламент денеска изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние.
За недоверба на владата и изгласаа 331 пратеник, значително повеќе од потребното мнозинство од 288.
Дебаклот на француската влада влече корени во одлуката на претседателот Емануел Макрон да го распушти парламентот во јуни, што доведе до предвремени избори.
Тие избори резултираа со парламент поделен на три приближно еднакви групи без јасно мнозинство.
Ова значеше дека малцинската центристичка влада под Мишел Барние беше на милост и немилост на левичарската алијанса Нов народен фронт (НФП) и екстремно десничарскиот Национален собир (РН), кои заедно имаа доволно пратеници за да ја соборат од власт.
Барние во понеделникот најави дека за да избегне гласање во парламентот, ќе го протурка делот од буџетот поврзан со социјалното осигурување преку посебна процедура.
Оваа постапка, пак, им овозможи на пратениците од опозицијата да иницираат гласање недоверба.
И левицата и екстремната десница ветија дека ќе го сторат тоа по дебатата што започна на 4 декември.
Нови избори уставно не се можни пред јуни, а Макрон сега ќе се соочи со голем предизвик во именување на нова влада во парламентот кој е поделен повеќе од кога било, како и повиците за негова оставка.