Белата Куќа ја објасни одлуката на претседателот Џо Бајден да го помилува неговиот син Хантер, велејќи дека претседателот верувал дека неговите политички противници ќе продолжат да го прогонуваат неговиот син.
„Тие ќе продолжат да одат против неговиот син“, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер за новинарите на „Ер Форс 1“ за време на патувањето во Ангола.
Жан-Пјер рече дека ова не е првпат претседателот да помилува член на семејството.
Бајден во јуни изјави дека нема да го помилува својот син. Во интервју за „Еј-би-си њуз“, тој одговори со „да“ на прашањето дали ја отфрла можноста за помилување на Хантер. Жан-Пјер одби да образложи зошто и како Бајден се предомислил.
Хантер Бајден се изјасни за виновен за федералните даночни обвиненија во федералниот суд во Лос Анџелес во септември, а требаше да биде осуден на 16 декември од судија назначен од новоизбраниот републикански претседател Доналд Трамп. Во јуни, поротата го прогласи за виновен за давање лажни изјави при проверка на потеклото на оружјето. А за тие обвиненија требаше да биде осуден месецов.
Актуелниот претседател Бајден во неделата рече дека неговиот син бил селективно гонет и третиран поинаку од другите во слични ситуации. Доцна во неделата, адвокатот на Хантер Бајден поднесе барање за отфрлање на обвинението.
Целосното и безусловно помилување на претседателот бара отфрлање на обвинението против Хантер Бајден, напиша адвокатот во поднесоците поврзани со случаите со оружје и даноци.