Брзата реакција на фудбалерите и медицинскиот персонал му го спаси животот на Едоардо Бове, но главната битка сепак се водеше во Универзитетската болница Кареџи во која фудбалерот на Фиорентина е сместен од вчеравечер.
По колапсот на теренот, Бове итно беше префрлен во болница и спроведен на интензивна нега, каде лекарите одлучиле да го стават во фармаколошка седација со цел полесно да дише и подобро да се следи неговата состојба.
13 часа подоцна, италијанските медиуми пренесуваат најдобри можни вести за младиот 22-годишен фудбалер, бидејќи ова утро тој бил екстубиран од лекарите по мирната ноќ која ја минал во болница.
Првите испитувања укажуваат на тоа дека Бове нема никакви срцеви и невролошки оштетувања, а тоа е исто така многу важен чекор во добивање на најважната битка во животот.
Како што јавуваат ценетите италијански медиуми, Бове е буден и свесен во овој момент, па дури почнал да одговара и на првите прашања кои му ги поставуваат лекарите и неговите најблиски од семејството.