Курти по експлозиите во Косово: Милан Радоичиќ е клучната причина за нападите

Макфакс

02/12/2024

08:54

3.521

Големина на фонт

а а а

Косовскиот премиер Албин Курти ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија да го предаде Милан Радоичиќ на косовските власти, нагласувајќи дека овој српски политичар и претприемач е „клучната причина“ за нападите што се случија и може да се случат во Косово во иднина.

На вчерашната прес-конференција во Приштина, по нападот на каналот Ибар-Лепенец на северот на Косово пред два дена, Курти истакна дека одбивањето на Србија да го екстрадира Радоичиќ претставува клучен предизвик за решавање на актуелната ситуација, јавува Радио Слободна Европа на албански јазик.

Косовските власти издадоа налог за апсење и го обвинија Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, политичката партија на Србите на Косово, кој ја презеде одговорноста за смртоносниот напад врз косовската полиција во Бањска во септември 2023 година.

Курти изјави дека, доколку Радоичиќ не беше ослободен во Србија, драстично ќе беа намалени шансите за реализација на сите овие напади што се случија, како и идните напади што ги планираат. „Ги повикуваме меѓународните фактори да извршат притисок врз Белград за главниот виновник Радоичиќ да им биде предаден на институциите на Косово. Ако Србија се сомнева дека Радоичиќ нема да има правично судење на Косово, го имаме ЕУЛЕКС кој ги надгледува сите случаи на Косово. Затоа тој треба да биде екстрадиран на Косово“, рече Курти.