Со пушки во раце учениците во Челопек имале приредба во униформи на воени групации, Јаневска најави санкции

Макфакс

30/11/2024

16:11

3.754

Големина на фонт

а а а

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска преку објава на нејзиниот профил на Фејсбук најавува поведување постапка против раководството и наставниците во ОУ „7 Март“ во Челопек за организирање на училишна приредба на која ученици се облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации.

Длабоко сум разочарана и вознемирена од одлуката на раководството и наставниците во ОУ „7 Март“ во Челопек да организираат, но и од одобрувањето на родителите на учениците, нивните деца да учествуваат во училишна приредба на која облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации од минатото, парадираат со пушки во рацете. Патем, родителите и ракоплескаа на сето тоа. Ваквиот чин не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив. Не очекував дека токму педагози, луѓе кои ја одбрале најблагородната професија, ќе ги учат децата во Македонија да не ја почитуваат сопствената земја, да не ги почитуваат своите сограѓани и ќе индоктринираат милитанство, насилство, омраза. Спротивно на сите основни начела на педагогијата. Наместо да се бориме за единство, за градење мирна и хармонична училишна средина, која патем треба да биде и основа за градење на мирно и хармонично општество и силна заедничка држава, во 21-от век гледаме дека нечии размислувања и идеали се заглавени во некој минат век. Ова е училиште кое, од претходни министри дури и било наградувано со грантови за организирање на активности за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција. Да, шокантно е, но е вистина! Најавувам дека ќе поведеме соодветна постапка против училиштето. Добивам и информации дека слични активности имало и во други две училишта. И таму ќе постапат инспектори, ја уверувам македонската јавност, вели Јаневска.


Апелира до сите останати училишта да се оградуваат од вакви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да се заложат да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје.

- Генерации кои ќе ја сакаат земјата во која се родиле и растат и ќе ги почитуваат другите независно на етничката, верската или каква било друга разлика. Тоа е вистинската цел поради која се отвораат и постојат училиштата! И конечно, ајде заедно да ги славиме личностите и победите низ историјата, имаме кого и имаме што заедничко, а овие училишни приредби се идеално место за тоа. Многу Албанци дале придонес во создавањето на оваа заедничка држава, учествувале во народноослободителната борба, учествувале во понатамошниот развој, во науката, спортот, културата…Споменот за нив треба да нé обединува, вели Јаневска во објавата на Фејсбук.

❗️Длабоко сум разочарана и вознемирена од одлуката на раководството и наставниците во ОУ „7 Март“ во Челопек да...

Posted by Проф д-р Весна Јаневска on Saturday, November 30, 2024



Спонзорирани линкови

Маркетинг