Градоначалничката Данела Арсовска одбива да изврши измени во одлуката за исплата на надоместокот за изминат километар на приватните превозници.
Град Скопје го обвинува претседателот на Советот, Трајко Славески дека дејствувал спротивно на Законот и Деловникот на Град Скопје, донел заклучок без кворум, не им дозволил на претставниците на градската аднимистрација стручно да се произнесат, а дополнително упатил и закани кон вработените.
„Спротивно на член 87 од Деловникот на Советот на Град Скопје, без кворум односно неопходното мнозинство за работа од 23 советници, без соодветно од страна на стручните служби да биде утврден бројот на советници присутни во салата и бројот на гласови, своеволно изјавивте дека заклучок е донесен и притоа повикавте вработените во градската администрација и Градоначалникот да постапуваат иако стручните служби на Град Скопје и сите останати советници во Советот укажуваа на неправилностите во водењето на седницата и немањето кворум за одлучување“, велат од Град Скопје во дописот до Славески.
Од тука нагласуваат дека ваквиот Заклучок кој произлегува од Иницијативата за отпочнување постапка за покачување на цената на услугата која ја добиваат приватните превозници, гласан без кворум не може да се смета за донесен.
„Стручните служби во градската администрација и градоначалникот во ниту еден момент и на никој начин нема да бидат соучесници во вашето грубо прекршување на Статусот, Деловникот и незаконското постапување“, наведе Град Скопје, додавајќи дека покачување на цената по километар се врши врз основа на критериуми, а не по нечија желба. Како критериуми, меѓудругото, ги наведуваат трошоците за гориво, бруто плата на возачи, трошоци за резервни делови, регистрација, технички преглед.
„Секој поинаков предлог и донесување акт е спротивно на позитивните законски прописи и подзаконски акти, а доколку реалната цена добиена согласно горенаведените критериуми е пониска од онаа која вие сте ја договориле без соодветна анализа и факти, истото ќе предизвика штета на Буџетот на Град Скопје и прибавување противправна имотна корист на други лица“, се вели во дописот до Славески.
Според Град Скопје, тој сакал свесно да ги задолжи градоначалникот и секторите да изготват и поднесат незаконски акт кој може да го оштети Буџетот, односно да преземат дејствија со елементи на кривично дело.
Допис од Град Скопје до Трајко Славески (1)
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески претходно објави дека дека по налог на градоначалничката Данела Арсовска, администрацијата го опструира и отворено покажува дека се противи на решавање на проблемот со приватните превозници.
„Иако како претседател на Советот замолив Секторот за поддршка на Совет, кој е дел од градската администрација, да го подготви заклучокот за потпис и проследување до градоначалникот Арсовска во рок од половина час по завршување на седницата, тоа не е направено ниту по час и половина од посочениот рок“, вели Славески.
Тој тврди дека во моментот на гласањето некаде околу една минута, ја молел службата да ги изброи гласовите, а советниците стоеле и тоа може да се види од снимката. Рече дека советниците имале забрана да ги бројат гласовите, а тоа може многу лесно да се провери.
„Не остана ништо друго, туку јас самиот да избројам. Во меѓувреме нели советниците од СДСМ кажаа дека нема да прават кворум, ќе го растурат кворумот не успеаа во тоа, може и тоа да се провери да се изброи, така што донесена е одлуката“, рече Славески.
Вчера, советниците на ВМРО-ДПМНЕ постигнаа согласност за решавање на проблемот со приватните превозници, кои се исклучија од сообраќај барајќи повисока цена за изминат километар.