Митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, денеска беше испратен до неговото вечно почивалиште, во јужната апсада на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.
Со владиката Тимотеј се простија сите членови на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, свештеници од епархијата, од другите Помесни православни цркви, бројно свештенство од целата земја. Во заупокоената Света архиерејска литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ учествуваа и двајца владици од Српската и еден од Бугарската православна црква.
Со церемонијата на погребението чиноначелствуваше Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој покрај верските обреди, имаше и свое световно обраќање до верниците собрани во Охрид да се простат од владиката Тимотеј.
– Никому и никаде не е лесно да говори на вакво место и на ваков повод. Особено не му е лесно да слови на човек за човекот со кого се познава, со кого повеќе од половина век работел за иста цел, за исти идеали… По молитвите на светите Климент и Наум, честопати бевме удостојувани да бидеме ангажирани како членови на комисии и претставници на нашата света црква и насекаде и пред секого, без да се договараме секогаш имавме исти ставови, исти прашања, исти одговори…Можевме заедно зашто носевме иста рана, зашто чувствуваме иста болка и баравме ист лек. И му благодарам на Бога што пак заедно го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме така и заедно се израдувавме и во Цариград и во Белград и оттогаш и пред секого и насекаде – рече поглаварот на МПЦ.
Во емотивното обраќање тој му се обрати на упокоениот дедо Тимотеј, дека како негов сослужител, како архиереј во Австралиската и во Дебарско-кичевската епархија оставил дело што, како што рече, „ниту рѓата ќе го нагризи, ниту молците ќе го јадат“. Притоа тој ги спомена сите зафати спроведени во епархијата од страна на Митрополитот Тимотеј, и на молитвениот богослужбен план и во градителството и во возобновувањето на древните светињи со кои изобилуваат Охрид и Дебарско-кичевската епархија.
– Плаошник и Свети Наум, Света Софија и Перивлепта, Бигорски, Пречиста, Канео и Заум и уште други многу светињи сега ни одблизу не се какви што беа и какви што ги наследивте. Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете, а урнатите да ги обновите. Градевте и обновувавте храмови и манастири, обновивте монаштвото, но најмногу од се помогнавте да се обнови и да се ради Црквата во душите на богољубивите и хростожедни луѓе – рече архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ уште истакна дека Тимотеј како вистински архипастир и архиереј помогна „Света Софија“ повторно да си го има местото за кое е изградена, да биде храм на Божјата мудрост и да продолжи да биде непоместлив и неосвојлив трон за радост и слава на охридските архиепскопи.
– Работевте неуморно и сиот свој живот и го посветивте на Црквата Христова и Македонска и на својот богољубив македонски народ. Во Охрид доаѓале многу архиереи, некои од тука, некои од подалеку, но времето ќе потврди дека никој не дал колку Вас и како Вас. Па никој не дошол по Свети Климента за да замине, туку за да остане. И не случајно телесно заскогаш ќе се населите на Плаошник, покрај Свети Климента, за и оттаму да продолжите да помагате да се доистражи недоистраженото, да се дообнови недообновеното, и секако и пред сѐ, да се одбрани вистината наша охридска и македонска – рече поглаварот на МПЦ.
На крајот тој му порача на владиката Тимотеј со заминувањето да ја пренесе веста до блажените македонски архепископи, кои христиљубиво и богугодно му служеле на македонскиот народ и до сите кои молитвено помагале да се врати достоинството на древната охридска столица…
– Присуството на браќата архиереи од соседните помесни цркви, како и пристигнатите писма и пораки со изрази на сочувство, го потврдуваат и новото време во кое Вие возљубен владико во изминативе повеќе од четири децении неуморно придонесувавте за како поколение да го дочекаме ова исполнето време за нашата Света црква… – рече архиепископот Стефан.
По повод упокојувањето на владиката Тимотеј, Општина Охрид денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, откажувајќи ги сите културно-забавни збиднувања на територијата на Општината.
Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј почина на 25 ноември во Скопје, каде беше хоспитализиран поради проблеми со срцето.
Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин администратор со седиште во Охрид, од каде ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.
Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како секретар на САС на МПЦ и администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.