Лукаревска до Мицкоски: Граѓаните се задушуваат, каде ви е планот за чист воздух

Макфакс

28/11/2024

14:49

236

Големина на фонт

а а а

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница за пратенички прашања упати прашање до премиерот Мицковски кое се однесуваше за борба против загадувањето.

Како што предочи, граѓаните на Скопје, но и многу други македонски градови дишат загаден воздух, присуството на ПМ10 честичките се двојно а некои денови тројно зголемени. Високи концентрации на ПМ10 честички се регистрирани и во другите градови, Битола, Кичево, Кавадарци, Куманово, Охрид, Гостивар. По бројот на жители тоа е повеќе од половина Македонија.

„Воздухот е означен како „нездрав“. Кога бевте во опозиција господине Мицкоски вие ветувавте над 1 милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и ветувавте намалување на загадувањето до 50%. Како власт нема ништо од тоа. Не само што нема 1 милијарда евра за борба против загадувањето туку и парите коишто се предвидени за тоа во буџетот ги намалувате. Ги оставате граѓаните само на себе. Како власт поважно ви е луксузирањето, па затоа во Буџетот имате предвидено повеќе пари за мебел, за возила, за стоки и услуги. Пред една недела, вие господине Мицкоски тврдевте дека когенеративна централа е решение за енергетската и еколошката криза. Но каде се тие пари во буџетот? Нема ниту денар“, заклучи Лукаревска.

Според неа, нема средства, нема план, нема никаква стратегија за намалување на загадувањето.

„Депонијата „Дрисла“, која е главен извор на загадување за цело Скопје, останува заборавена.

Ова е алармантно. Наместо да преземат конкретни мерки за спас на животната средина гледаме неактивност а тоа граѓаните го плаќаат со своето здравје. Во рамки на Собранието и Комисијата за финансирање и буџет досега не прифативте ниту еден амандман на СДСМ, ниту еден, меѓу кои ги одбивте и амандманите за обезбедување повеќе средства за борба против загадувањето.

Кога бевме на власт СДСМ имаше План за чист воздух, којшто е прв стратешки документ на некоја влада досега во борбата со аерозагадувањето, истиот беше посочен и во Извештај на Европска комисија.

И реализацијата на тој план ги даде првичните ефекти, кои се јасни и конкретни“, дополни таа.

Како што додаде, политиките на една власт се гледаат во буџетот, а во Буџетот 2025 пари за борба против загадувањето нема.

„Ја нема сега милијардата којашто ја најавувавте за борба против загадувањето. Ниту пак има мерки за намалување на загадувањето за 50%.

Моето конкретно прашање е каде го заборавивте планот за чист воздух“, праша Лукаревска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг