Претседателот на Собранието, Африм Гаши, смета дека измените за внесување на Бугарите во Уставот во Собранието ќе поминат многу лесно, но за да почне процедурата, ќе чека политички договор. По денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање дали јавноста да очекува уставни измени до Нова година, Гаши рече дека сè е спремно.
„Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме две третини, тој процес во Собранието мислиме дека многу лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот момент“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, вчера порача дека неопходно е да има уставни измени за земјата забрзано да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.