Болеста која започнува како безопасен осип, а потоа се претвора во кошмар при што повеќе од 30 отсто од кожата се лупи и отпаѓа, конечно има потенцијален лек. Станува збор за токсична епидермална некролиза (ТЕН) – ретка, но смртоносна реакција на имунолошкиот систем на лековите.
ТЕН се развива како одговор на одредени лекови и може да се појави кај сите возрасни и етнички групи. Иако се смета за ретка, оваа болест се јавува кај еден до два милиони луѓе годишно, ширум светот. Почеста е кај жените отколку кај мажите, а луѓето со ХИВ имаат за сто пати поголем ризик да заболат.
Болеста започнува со исип на лицето и градите и набрзо ги зафаќа устата, очите и гениталиите. Последиците се сериозни: инфекции, откажување на органите и пневмонија, а во третина од случаите болеста завршува со смрт. Оние кои преживеале минуваат низ долго и напорно закрепнување, често со третман сличен на оној за изгореници.
Научниците од Институтот Макс Планк во Германија, во соработка со меѓународен тим на истражувачи, успешно излекуваа седум пациенти кои боледуваат од ТЕН или поблага верзија на болеста – Стивенс-Џонсонов синдром („SJS“), притоа ниту еден од пациентите не пријавил несакани ефекти.
Еден од пациентите бил 59-годишник кај кого болеста опфатила 35 отсто од неговото тело, откако започнал со лекување на ракот на белите дробови. Притоа неговиот ризик од смртност бил речиси 60 проценти. По земањето на новиот имунолошки инхибитор, инфекцијата престанала, а пациентот бил речиси целосно излекуван за 16 дена.
Класа на лекови наречени „JAK“ инхибитори делуваат така што ја потиснуваат прекумерната активност на имунолошкиот систем. Научниците анализираа примероци од кожата на заболените пациенти и идентификуваа шест клучни протеини вклучени во сигналниот пат „JAK/STAT“, кој е одговорен за воспаление на кожата и одвојување на епидермисот.
Во претклиничките испитувања спроведени врз глодачите, научниците забележале значителни подобрувања на кожата во рок од само три дена од почетокот на терапијата. Овие резултати ја поттикнаа примената на лекот кај седум пациенти, од кои сите беа успешно излекувани и отпуштени од болницата во добра состојба.
Истражувањето, објавено во списанието „Nature“, ја поставува основата за идните клинички испитувања.
„Можат да поминат и неколку недели за пациентот да закрепне дури и откако ќе престане со лекот кој ја предизвикал реакцијата“, вели Холи Андертон, биомедицински истражувач од Австралија. „Способноста за брзо запирање на напредувањето на болеста, како што видовме во ова истражување, значително ќе го подобри стандардот на грижа за пациентите со оваа опасна болест“, додаде Андертон.