Полицаец од интервентанта полиција кој го спровел Велибор Манев од полициската станица Кисела Вода до местото каде било закопано телото сведочеше на денешното судење за убиствата на Вања и Панче.
Велибор Манев ги однел полицајците до местото каде бил закопан велешанецот Панче Жежовски.
Сведокот Игор Јанушев, службено лице ангажирано за настанот изјави дека според кажувањата на Велибор Манев, тие се движеле накај Велес, каде што Велибор изјавил: „Тука е местото, тука има закопано човек.“
- На 3 ти декември тргнавме кон Велес. Во моето возило беше Велибор Манев. Прво се возевме, а потоа одевме пеш по земјен пат. Велибор на колегите од СВР Велес им посочи: „Тука е местото, тука има закопано човек”. Местото беше покриено со гранки. По 15-тина минути го вративме Велибор во полициската станица, рече полицаецот, кој појасни дека нивна задача бил спроводот на Манев од Скопје до местото Кула и назад.
Одговарајќи на прашање од обвинетиот Љубомир Палевски Палчо, тој изјави дека во текот на предистражната постапка не разговарал со ниту еден од обвинетите.
Зоран Абаз, вработен во Министерството за внатрешни работи, сведочеше дека на 3.12.2023 година бил ангажиран за преземање службени дејствија за пренос на лице од едно на друго место.
– По добивањето на конкретна задача, го преземавме лицето и го однесовме до патарина Велес, каде што ги пречекале колеги. Велибор ги даваше насоките до местото каде што требало да се ископа дупка за да се најде тело. Кога почнаа да работат бевме тука, после тоа требаше да се вратиме во станица, го преземавме лицето и се вративме во станица, рече тој.
На прашањето за брзината и бојата на службеното возило, поставено од обвинетиот Палчо, Абаз одговори: „Не се сеќавам на брзината, бевме со наше бело возило.“