Големото невреме ги погоди сите делови на земјата, а стотици предупредувања за поплави сè уште се во сила.
Во текот на викендот, бурата Берт ја погоди Велика Британија, предизвикувајќи хаос со силни врнежи и ветрови. Според најновите податоци, најмалку четири лица загинаа.
„Скај њуз“ информира дека најлошото од невремето е минато, но последиците од Берт сè уште се чувствуваат низ целата земја.
Бурата ги зафати сите четири дела на Британија, носејќи снег, мраз, ветер и дожд. Ледена бура беше забележана во Шкотска, додека рекордни врнежи предизвикаа катастрофални поплави во Велс.
Слична ситуација се случи и во Англија и Северна Ирска, како резултат на втората голема бура што ја погоди земјата оваа година.
Стотици предупредувања за поплави остануваат во сила, со активни предупредувања за дожд, особено во Шкотска.
Четири смртни случаи се потврдени во Англија и Велс, но сè уште не е јасно дали сите се директно поврзани со последиците од невремето.